Поранешниот градоначалник на Штип, Илчо Захариев е осомничен дека незаконски уривал објекти во Општината, информираше МВР. Против него, како и за И.И.(55) вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Стипион 2011“ – Штип е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување како и за две кривични дела несовесно работење во службата.
Според полицијата, Захариев и И.И. во периодот од 27.10.2015 до 12.07.2016 година во повеќе наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластување. Имено градоначалникот издал Одобрение и Наредба за отстранување на објекти околу градскиот базен Штип, како и продажба на истиот, без да добие согласност од Советот на општина Штип.
Директорот И.И. несовесно постапил при спроведување на постапката на одобрението и наредбата за отстранување на објекти. Тој не ги одбил, иако знаел дека се противзаконски, туку ги спровел и ги извршил.
На тој начин пријавените причиниле вкупна материјална штета на јавното претпријатие „Стипион“ и на општина Штип во висина од 15.412.159 денари.