Харадинај му порача на Ердоган: Никој не може да се меша во нашите работи
Премиерот на Косово Рамуш Харадинај реагираше на изјавата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, порачувајќи му дека „нема да дозволи мешање во внатрешните прашања на Косово“.
Како што пренесува РТК, Харадиинај, откако турскиот претседател го прозва поради смената на министерот на косовската полиција и осудата дека „ги брани оние што се обидоа да извршат пуч во Турција“, порача дека „Албанците немаат обичај да се мешаат во туѓи работи“.
„Никогаш не сум се мешал во внатрешните работи на Турција. За решавањето на прашањата во нашата куќа никого не сме прашале, тоа го правиме кога ние сакаме. Тоа на сите нека им биде јасно“, кажа Харадинај.
Претседателот на Турција го критикуваше во саботата косовскиот премиер поради тоа што ја осуди депортацијата од Косово на шест турски државјани за кои Анкара тврди дека се поддржувачи на наводниот организатор на неуспешниот државен удар Фетула Ѓулен.
Ердоган изјави дека е „тажен“ поради тоа што Харадинај ги смени министерот за внатрешни работи Фљамур Сефај и шефот на разузнавачката служба Дритон Гаши, поради депортација без негова дозвола.
„Од кога почнавте да ги штитите оние кои работата на организирање државен удар против Турција?“, праша Ердоган и додаде дека Харадинај „ќе плати за тоа“.