Кривична пријава за Никола Тодоров за несовесно работење во службата
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот министер за здравство Никола Тодоров поради сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Кривичната пријава, како што соопштуваат од Финансовата полиција, е поднесена и против П.В., раководител на Единицата за имплементација на Проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи во РМ при Министерството за здравство.
Пријавата се однесува на договори склучени од Министерството за здравство, во текот на 2010 година по претходно спроведена постапка за јавна набавка, кое склучило договор за изведување градежни и градежно – занаетчиски работи за ЈЗУ Општа болница – Куманово, ЈЗУ Општа болница – Кочани и ЈЗУ Општа болница – Крива Паланка, со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит.
Пријавените, како што се наведува, и покрај тоа што биле запознаени и свесни за ненавременото и неквалитетно извршување на работите од страна на изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит, во текот на 2011 година, не преземале активности за активирање и наплата, како и не побарале продолжување на рокот на важност на банкарската гаранција во износ од 3.813.000 денари за навремено и квалитетно извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит.
Поради неисполнување на обврските од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година, Министерството за здравство го раскинало договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг Ад Сплит. За довршувањето на работите за реконструкција на Општа болница – Крива Паланка, биле спроведени нови постапки по јавни набавки и биле склучени договори со други изведувачи.
Според Финансовата полиција, со пропуштање на активирање на банкарската гаранција и други службени дејствија, пријавените Т.Н. и П.В. несовесно постапиле во извршувањето на своите овластувања и должности, со што го оштетиле Буџетот на Министерството за здравство, односно Буџетот на Р. Македонија за вкупен износ од 3.813.000 денари и на ваков начин го сториле кривичното дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в од КЗ на Р. Македонија.