Гонзало Игуаин оваа вечер повторно ќе има можност да ги одмери силите со својот поранешен клуб Реал Мадрид, тим во кој се разви во еден од најпосакуваните напаѓачи во Европа, но каде сепак не ја доби вистинската шанса кога најмногу се очекуваше од него.
Аргентинецот одлучи да си ја побара среќата во Наполи каде фудбалски експлодираше, а сега е лидер во нападот на Јувентус и веќе урна неколку рекорди во италијанската Серија А со своите голгетерски карактеристики. Сепак, Игуаин никако не може да ја избегне лошата сенка која го следи и постојано добива критики од јавноста за бројот на шанси кои знае да ги промаши, а сега на оваа тема се огласи и неговиот татко кој исто така откри и која била причината поради која заминал од Реал.
– Сите напаѓачи во светот промашуваат шанси, тоа е дел од играта и од овој спорт. Нормално е што на играчи од супериорно ниво се бара многу повеќе и Игуаин оди во таа насока. Пред два месеци многу го критикуваа Роналдо, Бензема постојано подлежи на критики. Веќе 10 години во фудбалот доминираат Роналдо и Меси, а најдобрите „9ки“ се Левандовски, Игуаин, Луис Суарез, Кавани и Бензема. Тие често добиваат критики, но знаат како да живеат со тоа, – вели Хорхе Игуаин кој го впери прстот кон Флорентино Перез кога е во прашање заминувањето на Игуаин од „Бернабеу“.
– Таа работа ја реши претседателот, Игуаин не му беше симпатичен и се ослободи од него. Мислам дека Карим, Кристијано и Гонзало ќе направеа неверојатни работи тројцата заедно и дека дури ќе се измореа од освојување трофеи со Реал, – додава таткото на Игуаин.