Алегри: Нема да работам повеќе во Италија

Тренерот на италијанскиот шампион Јувентус има во план да ја продолжи кариерата во друга земја откако ќе завршат неговите обврски во моменталниот клуб. Тој е на пат кон четвртата лигашка титула во низа со клубот од Торино.

 

Масимилијано Алегри потврди дека ќе го продолжи тренерскиот занает надвор од Италија откако ќе го напушти тимот на Јувентус.

Премиерлигашките тимови како Челзи и Арсенал од поодамна се заинтересирани за Алегри. Раководството на Челзи веќе неколку години го следи развојот на ситуацијата во Јувентус, за да го привлече италијанскиот тренер на нивната клупа. „Сините“ од Лондон сакаат Алегри да го замени Конте на клупата, исто како што го направи тоа во Јувентус. Но, Арсенал го гледа Масимилијано Алегри како долгорочен наследник на Арсен Венгер, па се очекува лондонските клубови да се борат за неговиот потпис.

„Завршив со работата во Италија. Откако ќе заврши оваа авантура со Јувентус, ќе одам во некоја од другите земји“, изјави Алегри за The Telegraph.

Тој вечерва ќе се најде во дуел против Зинедин Зидан, кога Реал Мадрид и Јувентус ќе ги одмерат силите во рамките на четвртфиналето од Лигата на шампионите.

„Не можам да кажам дека сум тренер кој се фокусира на тактика или аналитика, туку реагирам инстинктивно. Еден тренер треба да ги базира неговите одлуки на она што му кажува неговиот тренерски инстинкт, барем според мене“, додаде Алегри.

Во пресрет на вечерашниот меч, Алегри рече дека Јувентус ќе проба да ја искористи секоја грешка на Реал Мадрид, бидејќи во вакви натпревари тоа може да се покаже како клучно.

 
 
 
Треба да знаете
Последни објави