Каевски го суспендира раководителот на сектор млади при АМС
По скандалот што „пукна“ во јавноста за спорната Збирка поезија на Агенцијата за млади и спорт, по сите соопштенија и оградувања од комисијата, по неколку дена со соопштение пак се огласи и директорот Дарко Каевски.
Тој тврди дека со решението од 18.12.2017 година Комисијата имала обврска да изврши селекција на пристигнатите творби и да постапи совесно, стручно и непристрасно, како и согласно позитивните законски прописи на РМ.
„Одговорноста за направениот избор и за содржината на збирката „Млади поети“ ја носат нејзините членови. Агенцијата за млади и спорт ќе поведе постапка и ќе формира Комисија за утврдување одговорност на ангажираните членови на стручната комисија, и притоа ќе бара од комисијата да ја надомести штетата во целост.Постојат и видни прекршувања на законските одредби од Законот за издавачка дејност.
Како Директор не сум дал никаква писмена или усмена согласност да бидам уредник, а притоа АМС не може да биде ИЗДАВАЧ на збирката поезија “Млади Поети”, а овластеното лице на АМС не може да биде УРЕДНИК на истата, имајќи ги во предвид предвидените законски услови кои ги пропишува Законот за Издавачка Дејност !
Благодариме на Арс Ламина кои со своето соопштение за јавноста ја известија истата дека Агенцијата за млади и спорт не требала да биде наведена како издавач ниту пак Дарко Каевски за уредник на истата – истакна Каевски преку соопштение за јавност.
Тој додава дека формирале комисија за утврдување на дисциплинска одговорност и суспензија на Раководителот на Сектор Млади.