Рускиот амбасадор во Обединетите нации ги предупредил властите од Вашингтон дека САД ќе се соочи со „тешки последици“ доколку изведат напад на силите на сириската армија.
Од официјален Вашингтон пристигна потврда дека Трамп наскоро ќе одлучи дали американската армија ќе изведе воен напад на Сирија после извештајот за нападот со хемиско оружје на бунтовничкиот град Дума.
На предупредувањето на рускиот амбасадор, американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли порача дека САД „ќе одговори“, без разлика на тоа дали Советот за безбедност ќе одлучи да се делува во врска со хемискиот напад во Сирија или не.
„Немаше никаков напад со хемиско оружје“, изјави рускиот амбасадор во Обединетите нации Василиј Небезња на итната седница на Советот за безбедност која што беше одржана доцна синоќа.
Рускиот амбасадор наведе дека Русија преку „релевантни канали веќе упатила порака до САД дека користењето на вооружена сила под лажен изговор, против Сирија, на места каде што се наоѓаат и руските трупи – би можело да резултира со тешки последици по САД“, изјави Небезња.
Тој исто така нагласи дека истражителот на Организацијата за забрана на хемиско оружје треба во текот на денешниот ден да отпатува во Сирија за да ги провери обвинувањата поврзани со нападот.
Сепак, американската амбасадорка Хејли воопшто не попушти и порача дека „дојден е моментот кога светот мора да го види остварувањето на правдата“.