Седниците на кои пратениците денеска требаше да гласаат за дел од реформските закони од областа на правосудството се одложени за четврток.
„Ве известуваме дека дваесет и втората, триесет и четвртата и триесет и петтата седница на Собранието на Република Македонија наместо на 10 април, ќе продолжат на 12 април во 11 часот“, се вели во кусото известување од Собранието.
На дневен ред на 22. седница на дневен ред е предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка. На 34. седница на дневен ред е предлог-законот за дополнување на Законот за судовите во второ читање како и предлогот за објавување на јавен оглас за избор на составот на Државната изборна комисија.
На дневен ред, пак, на 35. седница е дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителствово второ читање и дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка во второ читање.
Премиерот Зоран Заев повеќе пати повтори дека очекува законите да бидат донесени пред објавување на извештајот на Европската комисија на 17 април. Реформските закони се дел од планот 3-6-9 кои, според Заев, веќе се усогласени со опозицијата.
Во однос на интерпелацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и барањето на опозицијата точката да биде ставена на дневен ред пред седницата за реформските закони, Заев вели дека нивно право е да поднесат интерпелација, но истовремено мора да се води грижа и за законите што треба да бидат донесени во предвидениот рок.