Од Александар Македонски веќе нема да се слуша музика
Од Александар Македонски на скопскиот плоштад веќе нема да се слуша музика, а светлосните ефекти и натаму ќе ги осветлуваат споменикот и фонтаната, дознава Независен.
Така одлучил градоначалникот Петре Шилегов, како што велат од неговиот кабинет, по барање на жителите од околните згради. Група граѓани се жалеле дека музиката која „излегувала“ од споменикот им пречела, особено во вечерните часови. Штраус, Бетовен, Моцарт и другите класици беа на листата интерпретации кои од скулптуралната композиција се емитуваа во поголемиот дел од денот, а водата од фонтаната на моменти се движеше во ритамот на музиката. Надополнето со светлосните ефекти, тие беа еден од препознатливите белези на најозборуваното здание од „Скопје 2014“.
Веќе неколку дена фонтаната е ставена во летна шема на функционирање. Прсна пред 15 април, кога вообичаено се отвораше сезоната на фонтаните.Град Скопје освен што ја укина музиката, планира да почне и со нов режим на одржување на фонтаните и спомениците. Не само за споменикот на Александар Македонски, туку за сите оние објекти што се под надлежност на Градот наскоро ќе се грижат јавните претпријатија „Водовод и канализација“ и „Комунална хигиена“. Од Град Скопје решиле наместо ангажирање приватна фирма, за што се трошеле годишно по 50.000 евра, јавните претпријатија да ја преземат оваа обврска. На „Водовод и канализација“ ќе му бидат доверени фонтаните, додека „Комунална хигиена“ ќе ги чисти спомениците.
„Најверојатно ќе формираме посебен сектор кој ќе биде задолжен за одржување на фонтаните. Кадар имаме, ќе треба да купиме неопходни хемикалии и слично за одржување, односно за чистење на фонтаните. Можеби ќе треба Градот да нè субвенционира бидејќи ја преземавме надлежноста за одржување на пречистителните станици, но тоа ќе биде многу помалку за разлика од 50.000 евра што досега се давале за одржување. Деталите околу финансиите ќе ги договориме наскоро, со оглед на тоа дека во јули ќе треба да ја преземеме новата обврска“, вели Душко Вескоски, директор на „Водовод“ во изјава за „Независен весник“.
Град Скопје во јули 2016 година склучи договор со градежното претпријатие „Бетон“, кое го доби тендерот за одржување на спомениците од „Скопје 2014“ во рок од две години. Претпријатието за ангажманот доби околу 100.000 евра. Договорот со „Бетон“ истекува во јули годинава.
Инаку, градските власти го презедоа одржувањето на спомениците и фонтаните од проектот „Скопје 2014“ во 2013 година, кога Андреј Жерновски ја презеде градоначалничката функција во Општина Центар.