МВР ВОДИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ СТАРЕШИНИ – СОУЧЕСНИЦИ НА 27 АПРИЛ

МВР спроведе внатрешна истрага за одговорност на полицијата до врвот за крвавите настани на 27 април и почна да дели откази по спроведени дисциплински постапки.

Министерството за внатрешни работи е единствената институција која досега покажа некакви резултати околу расветлување на крвавите настани во Собранието на 27 април. Во петокот откази добиле 11-мина полицајци од Шестата управа во МВР, но САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека се водат дисциплински постапки и за старешини во МВР, кои не одговориле на уставните, законските и професионалните обврски да реагираат и да интервенираат во Собранието, со што станале соучесници на тогашниот директор за јавна безбедност Митко Чавков.

Обвинителството засега ги открива само тепачите кои ги имаше како на безбедносните,  на медиумските камери и на приватните видеа на затекнати лица таа вечер во нападнатиот законодавен дом. Ги уапси и лицата кои извршија обид за убиство на пратеникот Зијадин Села и уште стои кај нарачателите на крвавиот настан. По поднесеното обвинение, осуден е и кубачот на Радмила Шеќеринска.

Отказите во МВР за 27 април се поради тоа што овие полицајци не постапија на должност и дека со рацете во џеб гледаа како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвораат обезбедените собраниски врати. На товар им се става и дека не мрднаа со прст кога влета разулавената толпа во собраниската зграда.

Меѓу тие што добиле отказ се и двајцата вработени од УБК, кои ги украдоа снимките од безбедносните камери, за кои автоматски се снимала копија, на друго место.

Казни и отпуштања најверојатно ќе има уште, зашто уште 31 се суспендирани, а против 70 се водат дисциплински постапки во МВР и тие уште не се завршени. Најголемиот дел од отпуштените се припадници на Шестата управа на МВР за обезбедување на важни личности и објекти, а меѓу нив е и шефот на обезбедувањето на поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски и шефот на собраниското обезбедување.

„Овие дисциплински постапки не значат дефинитивна казна за тие меѓу нив што го прекршиле Кривичниот законик. Ова се постапки во делот работни односи. За евентуална истрага против нив, надлежно е Обвинителството“, велат од МВР.

Треба да знаете
Последни објави