Денеска градоначалникот на Солун Бутарис ќе се сретне со Иванов, Заев, Димитров, Шилегов…

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис денеска доаѓа во Скопје на средба со скопскиот градоначалник Петре Шилегов на која ќе се договара поблиска соработка меѓу двата града.

Со Бутарис денеска ќе се сретнат и претседателот на државата Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи на Никола Димитров.

Ова ќе биде втора средба меѓу министерот Димитров и градоначалникот Бутарис за помалку од два месеца на која, како што информираат од МНР,  се очекува да продолжат разговорите од минатиот месец во Солун, за прашања од заеднички интерес, насочени кон унапредувањето на соработката меѓу Република Македонија и Грција и зближување на граѓаните од двете земји.

По средбата на премиерот Зоран Заев со градоначалникот на Солун ќе следува и заедничка изјава. Планирана е средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Посетата на Бутарис, грчките медиуми ја оценуваат како можност за подобрување на односите кои беа нарушени од долгогодишниот спор за името, како и „по поразот на поранешниот националистички премиер Никола Груевски на последните избори и формирањето нова Влада која се смета за поотворена за разговори“.

Во изјава за „Катимерини“, Бутарис демантира дека неговата посета е поврзана со очекувањата на Атина за продолжување на разговорите за прашањето за името.

„Ние не се занимаваме со надворешна политика. Се обидуваме со дипломатија меѓу градовите да ги приближиме граѓаните на двете земји и заеднички да работиме за решавање на некои проблеми што ги имаме како соседи“, вели Бутарис.

Целта на посетата на Скопје, вели, е да се изградат најдобри можни односи меѓу двата града. 

 

Треба да знаете
Последни објави