СВР Штип до ОЈО Штип поднесе кривичнa пријавa против С.С.(22) од Куманово, Д.Д.(23) од с.Кучичино, општина Чешиново Облешево и T.Ш.(21) од Велес, тројцата со привремен престој во Штип поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ .
Според документираните сознанија на истрагата, пријавените откако претходно се договориле неовластено – заради продажба – да набават поголема количина на опојна дрога марихуана, завчера (14.11.) С.С. и Д.Д. со патничко возило “Волксфаген Венто“ со штипски регистарски таблици, управувано од И.В.(29) од Штип, заминале во Куманово. Таму од непознато лице купиле поголема количина на опојна дрога марихуана, по што ја пренеле марихуаната во Штип, односно во куќа на ул.“Сутјеска“ каде што како потстанар живеел третопријавениот Т.Ш.
По претходно добиени оперативни сознанија, од страна на полициски службеници од ОНТ преземени се мерки за документирање на случајот и со обезбедена наредба од Основен суд Штип извршен е претрес над тројцата пријавени, и во куќата на ул.“Сутјеска“ при што пронајдени и одземени се вкупно 1.340 грама наркотична дрога марихуана спакувана во неколку најлонски ќеси, со намера истата да ја продаваат на лица уживатели на дрога.
Од страна на судија на претходна постапка на пријавените одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена.