Министерот Оливер Спасовски денеска во Собранието на Република Македонија имаше работна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи и претседателите на комисиите за одбрана и безбедност и на комисијата за надзор на следење на комуникациите, на која ги извести пратениците за реформите во МВР односно имплементацијата на препораките од извештајот на Прибе.
„Знаеме дека изминатите години прислушувањето создаде сериозна политичка криза и токму затоа нашата одговорност во правење на вистинска реформа е многу значајна. За мене е најважно да имаме инклузивност во овој процес и преку една отворена дебата да дојдеме до најсоодветното решение и реформа која што ќе биде на крајот ефикасна реформа, која што ќе создаде заштита на системот на следење на комуникациите и заштита на човековите слободи и права“, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски најави дебати со претставници на невладиниот сектор и експертите од оваа област. Транспарентноста кон граѓаните на Република Македонија е нешто што е исклучително важно.
-Веќе разговаравме со парламентарните комисии за надзор на Управата за безбедност и на системот за следење на комуникации и посакуваме да се изврши контрола во МВР, кога за тоа ќе оцени Парламентот дека треба да се направи. Исто така посакуваме и да имаат екпсертска помош која што ќе може да гарантира добра контрола на системот за следење на комуникациите, бидејќи е најважно е да се констатира тоа дека во Република Македонија немаме незаконско следење на комуникациите“, рече Спасовски.