Националниот архив на САД објави денеска уште 10.477 документи на Федералното истражно биро (ФБИ) поврзани со убиството на некогашниот американски претседател Џон Фицџералд Кенеди, во 1963 година.
Националниот архив соопшти дека, 8.336 документи се објавени во целост, додека 2.408 во ограничен формат, а 114 од нив се обелоденети за прв пат.
Тоа е петто објавување на документи од Националниот архив годинава.
Како што јави МИА, претходно претседателот на САД, Доналд Трамп нареди преостанатите податоци да станат достапни за јавноста и им нареди на федералните агенции повторно да ги проучат предложените интервенции и што помал број информации да останат тајни.
Документите за убиството на претседателот Кенеди беа ставени под ознаката „строго доверливо“ во 1992 година со одлука на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, со која се воведе 25-годишна забрана за објавување на овие податоци поврзани со атентатот врз Кенеди.
Таквата одлука на Буш уследи по прикажувањето на филмот „Џ.Ф.К.“ на Оливер Стоун во 1991 година, во кој беа изнесени тврдења за заговор на американските власти за убиство на Кенеди.
По ова, во 1992 година беше формирана независна комисија за истрага на атентатот на Кенеди, со задача да утврди кои документи за овој случај треба да бидат објавени, а кои да останат како тајни во Националниот архив. Врз основа на извештајот на Комисијата, Буш донесе за забрана на објавување на некои документи за атентатот до 2017 година, со цел „заштита на националната безбедност“.
Џон Ф. Кенеди е роден на 29 мај 1917 година, а убиен е а 22 ноември 1963 година во Далас. Тој беше смртно ранет додека се возеше во отворен автомобил во претседателската колона, заедно со неговата сопруга Жаклин Кенеди.
Повеќе владини комисии, вклучително и Вореновата комисија, утврдија дека убиецот на Кенеди е Ли Харви Освалд, поради што е осуден на смрт.
Атентатот врз Кенеди и денес е предмет на шпекулации и теории за заговор.