Треба лидерство и храброст да се работи на заедништво со граѓаните, доаѓа време на левицата
„На Европа и е потребна левицата, посебно кога после долги години, десницата во некои земји се разви радикално, со квазипатриотски идеи, а под превезот на модерниот грабеж. Левицата треба да го добие своето место во Европа, а тоа зависи од левите партии, но и од граѓаните, граѓанското општество, синдикатите, работниците“, рече меѓу другото, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на синоќешната пленумската сесија „Кон обновата на левицата во Југоисточна Европа“, во рамки на конференцијата во организација на фондацијата Фридрих Еберт во Сараево, на тема „Состојбата во регионот – проценка од социјалдемократска перспектива“.
Премиерот Заев констатираше дека не е доволно само да се дебатира, туку дека мора да се преземе акција и го соопшти искуството од Македонија во кое граѓаните дадоа поддршка на левицата којашто претходно се обедини со граѓанското општество. „Главната работа за нашиот успех е повикот да се обединиме сите, да си подадеме рака, без разлика кој што добива од успехот, заради граѓаните, иднината, татковината, заради обврската да се преземе нешто.
Со проектот Вистината за Македонија ги мотивиравме граѓаните на обединување. Овој проект го извади на површина криминалното делување на тогашната власт. Изградивме коалиција “Граѓаните за Македонија”. Следуваше Кампот на слободата, па Шарената револуција, водеа граѓаните. Чувството да се стапи во коалиција со независно-политички луѓе треба да се негува, ако сакаме да ја сочуваме независноста. Власта сега е контролирана и од внатре, од граѓанскиот сектор. Демократијата и слободата не се дадени еднаш за секогаш, тие треба да се развиваат и ова е најдобриот начин, додаде премиерот Заев.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, соопшти дека Владата ги постави политиките на развој на државата на 4 темели:
– Држава за сите, законот да важи еднакво за сите, секој граѓанин да биде еднаков пред законот.
– Едно општество за сите, еднаквост на граѓаните од сите етнички, верски, културни припадности во држава којашто е “мајка“за сите.
– Враќање на парите назад кај граѓаните, што е посебно левичарски концепт. „Почнавме со одредени мерки, урамнотежување на социјалните слоеви во општеството е целта пред нас. Богатите мора да плаќаат повеќе, а државата тие пари да ги насочува кон сиромашните, за подигнување на сиромашните кон средната класа“, рече премиерот Заев.
-Градење пријателство со соседите и во регионот. „Пријатели сме со сите 5 соседни држави. Граѓаните се блиски, сакаат да соработуваат и треба да ја унапредуваме нашата соработка“, дополни премиерот Заев.
Тој соопшти дека Владата на Република Македонија веќе донесе Закон за минимална плата, за обештетување на стечајците, намали повеќе давачки. „Сите мерки се левичарски и имаат конечна цел: нови работни места, повисоки плати и создавање стабилна средна класа“ рече премиерот Заев.
Тој во своето обраќање пред присутните, претставници на граѓанскиот сектор оцени дека „десницата што се радикализира победува, затоа што не се обединети сите кои не се согласуваат со неа“, и дека „за да зајакне левицата во регионот и во Европа, треба да најде начин да ги обедини сите кои не се десница.
„Важно е лидерството, но важна е и храброста. Треба да се преземаат храбри чекори. Кој ќе говори јавно за важните прашања, тој ќе биде лидер. Поважна е иднината на граѓаните од национализмот“ рече премиерот Заев.
Тој порача дека е важно „да се тргнат суетите, што ги држат државите во заробеништво и да се подаде рака кон сите“ кои мислат добро на граѓаните и на своите земји.
За процесот на градење коалиција меѓу граѓанските организации и демократски ориентираните политички партии во Македонија зборуваше и Марјан Забрчанец, советник на премиерот Заев за односи со јавност и одговорен за комуникацискиот сервис во Владата. Тој го објасни концептот “едно општество” како процес на градење доверба и на обединување на граѓаните околу демократски принципи, без разлика дали се припадници на политичка партија или не, без разлика на која етничка заедница припаѓаат.
“Граѓанскиот успех од парламентарните избори овозможи денес да имаме Влада која максимално се изложува себеси пред јавноста и подеднакво отворено комуницира со сите медиуми, Влада која е целосно отворена за критика и министерства кои проактивно објавуваат информации и документи од својата работа, наместо да ги кријат, што е недозволиво. Владата на Република Македонија практикува односи со јавност кои тежнеат кон транспарентност, и се спротивност од пропаганда”, рече Забрчанец во излагањето пред пленумот на граѓански активисти од левицата во регионот.
Обраќањето на премиерот Зоран Заев предизвика голем интерес на дебатата и беше поздравено од присутните граѓански и политички активисти од левицата во регионот и Европа, на пленумската сесија организирана од фондацијата Фридрих Еберт во Сараево.