Претседателот на Собранието Талат Џафери за сабота, 25 ноември, ја закажа седницата на која треба да биде именуван нов јавен обвинител на Република Македонија.
Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Јовески, член на Советот на јавни обвинители.
Тој пред две недели истакна дека доколку биде избран за наследник на Марко Зврлевски ќе ја смени сликата за Основното јавно обвинителство како партизирана институција. Во изјава за „Дојче веле“, Јовевски објаснуваше дека конкурирал на огласот за јавен обвинител затоа што во тоа гледал професионален предизвик.
„Особено во ова време кога е неопходно враќањето на довербата во Обвинителството. Доколку бидам избран, Обвинителството ќе постапува во согласност со законите, ќе биде ослободено од партиските стеги и центри на моќ. За жал, сегашната состојба во Обвинителството не е на завидно ниво, тоа беше подложно на партиски влијанија и евидентен беше селективниот пристап кон правото. Обвинителството беше неефикасно, пристрасно и зависно“ – тврдеше Јовески.