Имаме многу точки на поврзување како големо богатство, како и за реализација на нови заеднички интереси
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и Претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ, после тет-а-тет средбата и пленарните разговори меѓу министрите во владите на двете земји, во рамките на официјалната посета на владината делегација на Македонија на Србија, одржаа заедничка прес конференција.
Премиерот Заев, на почетокот го изрази задоволство од можноста да се сретне со српската премиерка и ги оцени како успешни разговорите со неа, како и разговорите на пленарната министерска средба меѓу двете владини делегации.
– Република Македонија и Република Србија имаат партнерски односи со високо ниво на заемна доверба, разбирање и добрососедство. Во нашите меѓусебни односи има многу прашања и теми што не поврзуваат. Како во изминатиот период, така и денес, евроинтеграциите се надворешнополитички приоритети на двете земји. Во однос на ова прашање имаме и билатерална Спогодба за заедничка соработка – истакна Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во обраќањето пред претставниците на медиумите.
Пред големиот број новинари, премиерот Заев потсети дека српскиот народ што живее во Република Македонија е дел од конститутивните народи наброени во Уставот на Република Македонија, дека српскиот е службен јазик во општината Чучер-Сандево, во Старо Нагоричане и во една од најголемите општини во земјата, Куманово, како и дека одбележувањето на Свети Сава, односно 27 јануари, со закон е прогласен за празник и за неработен ден за припадниците на српската заедница во Македонија.
– Од друга страна, во Србија, пак, активни се триесетина здруженија на Македонците кои гравитираат околу Националниот совет на Македонската национална заедница во Република Србија, со седиште во Панчево. Македонскиот јазик е воведен во службена употреба во неколку места, воведен е во законот за образование на Србија и се изучува во Јабука, Качараво и Лесковац. Во Статутот на Војводина, Македонците се воведени како конституивен народ – нагласи Претседателот на Владата на Република Македонија.
– Перцепцијата на граѓаните во Република Македонија е дека Србија е на прво место од соседите со кој најмногу се подобрени односите во последните пет години, сосед со кој граѓаните имаат најдобри лични искуства, сосед чија историја и култура најдобро ги познаваат, сосед за кој се има најдобро мислење, како и сосед со којшто би сакале најблиски односи – истакна премиерот Заев.
Тој потоа говореше за економската соработка меѓу Македонија и Србија, која ја оцени како константно добра, и укажа на фактот што Србија е трета по обем на размената трговски партнер на Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија.
Во завршницата на своето обраќање пред медиумите во Република Србија, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, говореше и за улогата на двете земји во регионалната соработка.
– Планот за регионална економска област на Западен Балкан, кој се базира на принципите на еднакви услови за сите во регионот и предвидува наши заеднички интереси: Промовирање на понатамошна трговска интеграција; Воведување динамичен регионален инвестициски простор; Олеснување на регионалната мобилност, и креирање на агенда за дигитална интеграција – потенцираше Премиерот Заев.
Тој нагласи дека со премиерката Брнабиќ се согласиле дека од посебен интерес на двете земји е соработката во областа на дигитализацијата, Open Government Partnership, IT секторот, како и креирање на старт-ап култура и претприемнички дух кај младите и иновациите.
– Ја искористивме оваа посета да ги поканиме властите на Србија да дадат свои идеи и предлози за IT Самитот што Република Македонија ќе го организира во 2018 година, во рамките на Берлинскиот процес. Знаеме дека Република Србија има завидни постигнување во полето на дигиталната економија и затоа сме отворени да ги слушнеме добрите искуства и успешните практики.
Овие можности на новите иницијативи во регионот бараат силно партнерство меѓу владите на земјите од Западен Балкан – истакна Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.
Претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ во своето обраќање на прес конференцијата по средбите на двете делегации, ја сподели согласноста дека Република Србија и Република Македонија делат успешна соработка во повеќе области.
Во таа насока таа ја потврди согласноста за одржување на седница меѓу двете влади во знак на добрите пријателски односи, како и заедничките иницијативи во повеќе други билатерални и регионални проекти.
Премиерката Брнабиќ истакна дека унапредувањето на односите меѓу двете земји е од особен интерес на Република Србија со оглед на фактот дека двете земји делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите, инфраструктурните проекти во рамките на коридорот 10 и многу други.
Регионалното поврзување е во врвните приоритети на двете земји и на тој план се очекуваат многу резултати, изјавија во завршницата на прес конференцијата премирерот Заев и премиерката Брнабиќ.
Претседателите на владите на Република Македонија и Србија одговараа на повеќе прашања од интерес на медиумската јавност и истакнаа дека двете земји за сите прашања разговараат и ги решаваат на начин како што тоа го прават пријателски земји, низ отворен дијалог.