Сведокот Феим Имери на кого СЈО му ги предочи купопродажните договори со „Трансмет“ жестоко реагираше на прашањата на обвинителот Артан Ајро.
„Не ми викај и не ме прашувај што е ова и да ми го покажуваш потписот. Кажете ми зошто сум тука? Требаше да не повикате со сметководител. Судијке, јас вака не можам да одговарам, си има смедководство. Дневно има многу фактури, не се сеќавам од 2009″, реагираше налутено сведокот Имери.
На ова обвинителот Ајро му укажа дека нема потреба да се вознемирува. Сведокот беше дециден дека потписот на потврдата за одземени предмети е негов, но беше несигурен за потписите на фактурите за склучените договори со „Трансмет“.
„Имам три различни потписи. Овој потпис на фактурата личи дека е мој. Стојам зад фактурата, но за потписот не можам да тврдам. Имам дилема за потписот на фактурите оти е различен, можеби на друг начин сум се потпишувал. Ова се фактури од 2011“, сведочеше Имери.
Сведокот во судницата за една од фактурите рече дека не е реализирана оти Кочан не успеал да се снајде за да ја плати.
„Кочан не се снајде да го плати багерот. Одговарам пред бога дека ја зборувам вистината. Кочан ме информираше дека не обезбедил пари, дека му е жал оти му се допаднала една градежна машина. Со долгогодишната соработка на нашите татковци му должев и еден багер. Кочан отиде во Холандија, го виде и си го плати. Му направив услуга и тој сам си го купи од фирмата од каде што купувам и јас“, рече сведокот.
Потоа повторно му се обрати на обвинителот Ајро со зборовите: „Вие да не сакате сѐ да ви кажам јас“.
По ова судијката Лидија Трајковска-Зимбовска го опомена сведокот дека за такво однесување може да добие и казна. Сведокот, одговарајќи на прашање на Сеад Кочан, рече дека вонгабаритните машини не се регистрирани во МВР.
Одбраната во текот на сведочењето приговараше неколку пати на начинот на кој СЈО ги поставува прашањата, а дел од адвокатите се откажаа од правото вкрстено да го испитуваат сведокот како што налага новиот Закон за кривична постапка. Судијката по неколку опомени кон адвокатите, им забележа дека не е во ред да не знаат да поставуваат прашања по закон кој се практикува веќе подолг период.