Повеќе од 70 излагачи од 11 земји од кои 20 од Македонија се претставуваат на првиот Меѓународен саем на иновации, патенти и нови технологии „ИНОВАМАК 2017“ што од денеска до 23 се одржува во Скопје.
Саемот е во организација на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија – НАИМ која е полноправна членка на Светската федерација на сојузи на пронаоѓачи IFIA.
– Основна цел на овој меѓународен саем е отворање нови видици на нашите пронаоѓачи кон широкото поле на иновациските делувања во светот, но и овозможување голем број контакти, размена на искуства, како и олеснување на патот кон реализација на нивните пронајдоци, посочи директорот на саемот Мирко Узелац.
Тој посочи дека Македонија располага со респектабилен иновативен потенцијал кој, како што рече, е недоволно искористен и афирмиран вон границите на земјава.
– Токму ваквите саеми можат да придонесат за подобрување на состојбата, посочи Узелац.
Работното време на саемот е од 10 до 19 часот, а влезот е бесплатен. На саемот има излагачи од Кина, Малезија, Русија, Тајван, Чешка, Романија, Бугарија, БиХ, Република Српска, Србија и Словенија. На саемот се претставени иновации и патенти од повеќе области, од кои поголемиот дел од областа на електрониката.