Шилегов ги повика сите граѓани, сите општествено одговорни фирми да се приклучат во големото чистење на Скопје.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска најави дека од четврток почнува голема акција за чистење на главниот град и ќе трае дваесеттина дена.
– Град Скопје во соработка со Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика ангажира стотици невработени лица кои заедно со надлежните јавни претпријатија ќе ја спроведат оваа акција. Ова е една од краткорочните мерки против загадувањето на Скопје оваа зима – рече на прес-конференцијата Шилегов.
Евидентно е, како што рече, дека загадувањето се должи и на наталожената прашина на нашите улици, која со години стои неисчистена. Тој планира таа прашина да ја тргне од улиците.
– Секоја општина со целата своја механизација заедно со градските јавни претпријатија и ангажираните лица ќе чисти во точно определени денови. Почнуваме од Бутел, а потоа ќе продолжиме во другите општини. Предвидени се по ден-два за секоја општина во зависност од нејзината големина. Откако ќе завршиме со чистењето на општините, ќе се чисти кејот на реката Вардар – истакна Шилегов.
Акцијата за чистење на Скопје ќе се реализира секоја есен и пролет и предвидено е да стане традиционална.
– Промената почнува од секој од нас. Ние сме пример за нашите деца, внуци, за најмладите и затоа ги повикувам сите граѓани, сите општествено одговорни фирми, институции и невладини организации да ни се приклучат и да помогнат во оваа акција за чисто Скопје, за незагадено Скопје – потенцира Шилегов.
Одговарајќи на новинарско прашање Шилегов рече дека дел од мерките против загадувањето ги работат координирано со надлежните институции, како со МЖСПП.
– Работиме на овие планови и мислиме дека во текот на зимава ќе успееме да спроведеме доволно и законски измени за наредната зима да бидат опфатени и автомобилите како дел од загадувачите – рече Шилегов.
Прашан за поплаките на жителите на општина Карпош за палење гуми, Шилегов појасни дека веќе се врши засилен инспекциски надзор.
– Поделена е надлежноста тука и поради тоа Град Скопје ќе биде еден координативен центар каде граѓаните ќе можат да пријават. Многу бргу ќе дадеме и посебна линија за 24-часовна пријава на диви огнови или палења од таков тип – рече Шилегов.
Тој додаде дека Град Скопје ќе се јави како координатор на градските, општинските и републичките инспектори за заштита на животната средина.
Шилегов рече дека наследил неколку проблеми, меѓу кои се реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“, кружниот тек во Кисела Вода, „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Чаир и други улици. Разговарано било со изведувачите да забрзаат во рамки на можностите и да заврши асфалтирањето за да се одвива нормално сообраќајот.