Трета недела потрага по убиецот на младиот Мартин Јанушев. МВР ја објави меѓународната потерница која беше распишана уште во петокот, но оттаму не соопштуваат какви индиции имаат за можната локација на убиецот.
Министерот Оливер Спасовски информираше дека полицијата има несоборливи докази дека Филип Секуловски е сторителот на убиството и против него беше поднесена кривична пријава.
Секуловски претходно бил осуден на 20 месечна казна затвор за тргување со дрога, а од Шутка излегол на слободен викенд, точно на денот на убиството.
Според извори во истрагата, Секуловски и Јанушев се познавале одамна, а непосредно пред убиството биле во контакт. Мартин Јанушев исто така имал полициско досие. Нашите извори брифираат дека тој постојано носел пиштол со себе. Истиот пиштол кој беше пронајден покрај неговото тело.
За оружјето со кое е убиен Јанушев, МВР не дава никакви информации. Нема точен податок ниту за мотивот за убиството, но министерот Спасовски рече дека најверојатно се работи за лично недоразбирање. Полицијата трага само по сторител, иако во јавноста беше лиферувано дека има и можен нарачател – извесен Раде. Лице кое се претстави како чичко на Секуловски, на Фејсбук го повика Филип да се предаде, а на Раде му порача да не манипулира со него.
Агенцијата за обезбедување Омерта чие име се поврзуваше со убиството ќе биде предмет на истрага на полицијата. Мартин Јанушев е убиен со неколку куршуми во главата пред неговата зграда во скопски Аеродром – околу 18 часот во близина на кафуле полно со сведоци.