Најавената забрана за движење на возила на патот до Средно Водно ќе се воведе од утре, и ќе важи секој викенд и за време на државните празници, информираат од Град Скопје.
Според планот, оваа забрана ќе важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.
„Утре Водно го ослободуваме од возила. Воведувањето на забраната за движење возила на патот до Средно Водно е со цел заштита на природните убавини на Водно и просторот за рекреација. Оваа мерка ќе важи за време на викендите и државните празници, од 9 до 16 часот. Оваа мерка е важен дел од заложбите на Град Скопје за поздрава животна средина, почист простор за спорт и рекреација, имајќи го предвид здравјето на граѓаните, пред сè“ изјави градоначалникот Петре Шилегов.
Забраната нема да се однесува на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.
Град Скопје информира дека за да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно, воведени се две нови пробни автобуски линии што ќе сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите ќе се полнат со патници на почетната станица и ќе возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија ќе тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј (спроти Макпетрол), а втората ќе тргнува од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат).
Покрај двет нови пробни автобуски линии граѓаните ќе можат непречено да ја користат и постојната автобуска линија – линијата со број 25 до Средно Водно, информираат од Град Скопје
Возењето на овие три автобуски линии (25, 25А и 25Б) на почетокот ќе биде бесплатно. Во пресрет на граѓаните, Градот Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).