Две родилки и двете прилепчанки, оваа недела по породувањето ги оставиле своите бебиња на скопска гинекологија.
Во првиот случај се работи за жената која доби сомнителен сендвич зачинет најверојатно со дрога, која при одењето кажала дека можеби ќе се врати по детето. Втората, која ја напуштила клиниката утринава, била решителна во одлуката да го остави новороденчето за посвојување и покрај разговорот со психолог и социјален работник. На Гинекологија ги чуваат се додека не бидат здравствено стабилни, по што ги праќаат во домот за донечиња во Битола. Годинава уште седум мајки породени на ГАК се откажале од бебињата.
– Кај нас остануваат се додека не бидат стабилизирани и здрави. Сер случува да останат месец дена понекогаш и два месеци, во зависност од тоа во каква состојба се и во која гестациска недела се родени. Потоа одат во домот за доенчиња во Битола, но претходно има уште еден контакт со мајката, потоа уште еден во случај да се предомисли и на крај остануваат за посвојување, вели др. Адела Стефанија од Клиника за Гинекологија
Последните два случаи се карактеристични за лекарите бидејќи станува збор за жени кои воопшто немале контрола кај гинеколог. И двете родилки не знаеле кога останале трудни а ова им била седма и осма бременост. Прилепчанката која се породила вчера била зависничка од седативи и затоа била препратена на скопска гинекологија.
– Кај неа се знаеше, кажа уште веднаш дека детето ќе го остави исто како и претходните деца што ги оставила на посвојување, вели др. Стефанија
Изминатите години од скопска гинекологија велат дека многу ретко се случува мајката да се предомисли и да се врати на клиниката за да си го земе претходно оставеното бебе.