Демонстранти пред кривичниот суд ја нападнаа екипата на „Макфакс“ која известува за протестот. Еден од нив, на чекор од полицискиот кордон, со рака му ја покри камерата на снимателот и го спречи во извршување на работната задача, а новинарот се пожали дека во турканицата му биле одземени дел од работите што држел в раце.
„Од сите страни ни се закануваат, а во еден момент успеаја и да го спречат известувањето во живо. Почнаа да нè туркаат, ми ги земаа слушалките од раце, кои ми се неопходни за работа, и листовите со забелешки, за што ќе ги тужам, а ја турнаа и камерата на снимателот“, вели нападнатиот новинар во „Макфакс“, Кристијан Ландов.
Полицијата не реагирала во расчистување на турканицата иако судот е под силно полициско обезбедување.
Протестот го организира ВМРО-ДПМНЕ во знак на револт против, како што велат, политичкиот прогон на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, и уште 35 истакнати челнови и поддржувачи на партијата, учесници во настаните од крвавиот четврток.