Босанско-Хрватскиот воен злосторник Слободан Праљак откако ја слушна пресудата од Судот во Хаг, испи течност за која тој тврдеше дека е отров, по што судењето веднаш беше прекинато.
Праљак беше еден од шесте Босанско-Хрватски воени злосторници кои се најдоа пред Судот во Хаг, а тој во 2013 година беше осуден на 20 години затвор.
„Испив отров“, рече Слободан Праљак пред судијата, откако му беше кажано дека казната не му е поништена.
Судијата Кармел Агиус веднаш го прекина судењето и беше повикана амбулантно возило, а целата судница беше видно вознемирена од случувањата, пред да се спуштат завесите и преносот да биде прекинат.
„Не ја допирајте чашата“, нареди судијата Агиус, покажувајќи кон чашата од која Праљак ја испи течноста.
Слободан Праљак е затворен поради извршени воени злосторства во 1993 година. Судот реши дека тој знаел дека воени трупи се приближуваат кон муслиманите во Прозор, но не направил ништо за да ги спречи.