Изградбата на Панорамакото тркало е стопирана, жива среќа што не е платено цело, па ќе можеме да заштедиме од парите на граѓаните, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Договорот за изградба, како што кажа тој, е ставен во мирување, а она што досега е изградено е платено.
За штетата предизвикана од поплавите во МНТ, тој посочи дека тоа е под надлежност на Министерството за култура и се повика на изјавата на министерот Роберт Алаѓозовски дека ако се утврдат неправилности и пропусти при градењето, ќе следува и пријава односно барање за одговорност.
– Последните денови покажаа дека мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ станува реална опасност. Во јавноста се презентираше неговата наводна корист за туризмот, а изминатите неколку денови потврдија дека тој е вистинска опасност за безбедноста на градот и граѓаните – рече Шилегов додавајќи дека насобраниот отпад во коритото на Вардар и околу галиите и тркалото почнал да се расчистува денеска.
Меѓутоа, сè уште нема конкретни информации до каде е дислокацијата на галиите и на некои споменици. Како што рече Шилегов, анализите кои ги прават институциите сè уште траат.