Буџетот на Министерството за транспорт за в година е развоен и во најголем дел проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти.
Тие се позиционирани на ниво од 5 милијарди и 105 милиони денари, 1,5 милијарда денари повеќе отколку во буџетот во 2017 година, информира денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
„Обезбедени се повеќе пари за изградба на железницата и развој на железничкиот сектор.
Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградбата на магистралните гасоводи како важен сегмент за одржување на економската стабилност на домашното стопанство.
За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме повеќе средства за изградба на канализации и водоводи во општините. За поголема социјална сигурност и покрив над главата на најранливите категории граѓани проектиравме повеќе средства за изградба на социјални станови“, рече Сугарески.
Додаде дека се обезбедени средства и за изградба на жичницата во Скопје, нови пешачки патеки, како и средства за субвенции за авиопревозниците што ќе понудат нови дестинации за граѓаните.
„Она што сакам да го истакнам е дека во буџетот за 2018 година ги намаливме непродуктивните и нерационалните трошоци. Нашата цел за 2018 година е што поголема реализација на капиталните инвестиции како важен сегмент за планираниот раст на економијата“, рече Сугарески.
Тој потенцира дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, Владата ќе продолжи со изградба и реконструкција на патнатата мрежа во Република Македонија.