Догодина ќе бидат значително зголемени средствата за блок-дотации за општините со цел подобрување на условите во училиштата, рече Дескоска.
Вкупно 25,28 милијарди денари или 406,55 милиони евра ќе биде буџетот за образованието во 2018 година што е пет отсто повеќе од 2017.
Како што соопшти денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Рената Дескоска, за основно образование се предвидени 45 проценти од буџетот, 26 отсто се за високо образование, 19 проценти за средно, шест отсто се наменети за ученички и студентски стандард, два отсто се предвидени за наука, а 1,8 отсто за администрација.
– Догодина ќе бидат значително зголемени средствата за блок-дотации за општините со цел подобрување на условите во училиштата. За оваа намена се проектирани 600 милиони денари повеќе од годинашниот Буџет, што е зголемување за 4,62 отсто – истакна Дескоска.
Министерката најави и зголемување на платите на наставниците во основното и средното образование за пет отсто.
– Буџетот за образование во 2018 година е развоен и со него ќе се инвестира во квалитет и подобри услови за сите – нагласи Дескоска на прес-конференција во Владата.