Иако многумина сметаа дека најдобрите денови се веќе зад Руни, искусниот напаѓач не се предава и игра во одлична форма по враќањето во Евертон.
Најдобриот стрелец на Манчестер Јунајтед на „Гудисон Парк“ покажува дека во неговите нозе има уште сила за голови. Тој игра во одлична форма, а кога е во прашање англиската Премиер лига, само Хари Кејн, Серхио Агуеро и Мохамед Салах се поефикасни од него во досегашниот тек од сезоната.
Сепак, Руни може да се пофали дека е „најубиствениот“ напаѓач во Топ 5-те најсилни европски фудбалски првенства кога е во прашање односот „шут-гол“.
Напаѓачот на Евертон има процент на успешност од 37,5% со што е најдобар во петте најдобри европски фудбалски првенства. Тоа значи дека Вејн Руни своите девет премиерлигашки погодоци ги има постигнато од само 24 удари кон голот. На листата Руни оваа сезона зад себе ги остави фантастичните Радамел Фалкао од Монако, Санабрија од Бетис, Мауро Икарди од Интер и Единсон Кавани од ПСЖ кои се меѓу топ 5-те „најубиствени“ напаѓачи во Европа.