2,7 милиони евра е највисоката годишна бруто-плата исплатена лани во приватното здравство
Највисоката бруто-плата во Македонија лани била исплатена на скопјанец вработен во приватното здравство- 2,7 милиони евра на годишно ниво, додека највисокиот бонус од работен однос за цела година бил 416 илјади евра, соопшти Управата за јавни приходи, според податоците од даночните пријави на граѓаните за 2016 година.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, информираше дека лани граѓанин од Скопје пријавил највисок годишен приход од 255 милиони денари, а највисоката остварена капитална добивка била 82,8 милиони денари. Според податоците, од повремено вршење услуги жител на Велес заработил 58,3 милиони денари, додека граѓанин од Скопје пријавил заработка од над 109 милиони денари од дивиденди и други приходи.
Пензионер од Струмица, пак, пријавил 41,8 милиони денари (679.674 евра) вкупен годишен бруто приход по сите основи, вклучувајќи ја и пензијата. А највисок годишен бруто приход само по основа на пензија е пријавен во Скопје, и тоа 1.838.837 денари или 29.899 евра.
Во 2016 година годишна даночна пријава до УЈП поднеле над 439 илјади граѓани кои пријавиле годишни бруто приходи во износ од над 173 милијарди денари, како и персонален данок во износ од над 10 милијарди денари. Казната за непријавување данок за физичките лица е од 100 до 200 евра, а од УЈП велат дека граѓаните ќе имаат обврска да поднесат ГДП уште една година, а потоа обврската ќе ја преземе управата.