Финансиска полиција ги проверува тендерските постапки во штипското комунално претпријатие „Исар“, реализирани од претходното раководство на компанијата, соопшти новиот в.д. директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев, додавајќи дека постојат индиции за прекумерно трошење пари.
– За девет месеци се набавени 7.000 метли, во вредност од 350.000 денари. Кога тие 7.000 метли ќе се поделат на 20 работника испаѓа дека за 30 дена имаат потрошено 35 метли. Ако се работни часа 24, еден работник користел по една и пол метла за еден работен ден. Значи, тука има индиции за злоупотреба на службена должност – рече Тасев.
Новиот директор истакна дека неговиот претходник во текот на 2016 и 2017 година во повеќе наврати го надминал лимитот за мобилен телефон од 4.000 денари, односно дека сметката во повеќето месеци била поголема од 22.000 денари. Тасев истакна дека претходниот директор разликата за сметката не ја исплаќан во благајната на претпријатието.
Финансиска полиција исто така го проверувала и тендерот за набавка на струја од една бугарска фирма, со која има договор за грејс период за плаќање на сметката од шест месеци. И покрај таквиот договор, претходниот директор на ЈП „Исар“ веднаш ги плаќал сметките кон бугарската компанија, но не ги плаќал сметките кон ЕВН, кои поради каматите достигнале износ од еден милион денари.
Финансиската полиција се уште го чешла работењето на ЈП „Исар“, кое во моментов има долг од 186 милиони денари.