Специјалното јавно обвинителство отвори истражна постапка со кодно име „Лидери“, поради, како што рече, јавно објавен разговор меѓу двајца политички лидери за бесправно изграден објект, информираше специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи.
-Ова постапка е по јавно објавен разговор меѓу двајца политички лидери за договорање на политика на рушење на бесправно изградени објекти. Како осомничен е инвеститорот на објектот, изведен спроти странска амбасада во Скопје. Објектот во површина од 1.000 квадратни метри е изграден без одобрение за градба – рече Фетаи.
Фетаи мислеше на разговорот меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, меѓутоа од СЈО прецизираа дека осомничен е само инвеститорот, а не и политичките лидери.