Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, ја определи професорката Наташа Пеливанова, член на Советот на Општина Карпош, за заменик-градоначалник на општината, која оваа функција ќе ја извршува за време на спреченост или отсуство на градоначалникот.
Пеливанова е доктор во областа на правните науки. Таа е редовен професор на Факултетот за безбедност во Скопје. Има значаен придонес во научноистражувачката дејност како автор на многубројни трудови издадени во домашни и меѓународни специјализирани списанија, информираат од одделението за односи со јавност на Општината.
На последните локални избори Наташа Пеливанова беше избрана за член на Советот во Општина Карпош. Членува во Комисијата за урбанистичко планирање, Комисијата за јавни дејности (образование, социјална и детска заштита), Комисија за еднакви можности на жените и мажите и Комисијата за прописи при Советот на Општина Карпош.