Сведокот Рамадан Бајрами на денешното рочиште за случајот „Сопот” во кој десет лица се обвинети за тероризам, рече дека кога била експлозијата не бил во селото, туку бил во Србија и за тоа разбрал кога се вратил во Македонија, а неговата првична изјава била изнудена поради, како што наведе, долгото држење во притвор, малтретирање и тепање.
Адвокатот Вулнет Пачуку, по рочиштето, изјави дека клучниот сведок денеска во повеќе детали објаснил во целост како се случило и дека тој не може да биде ниту обвинет, ниту сведок, туку само жртва на овој настан.
– Друг исход не доаѓа предвид освен ослободителна пресуда, рече Пачуку.
Рамадани објасни дека на 23 мај 2003 година отишол во полициска станица за извод на малолетниот син, но бил удрен во задниот дел од главата, врзан и однесен со автомобил. Посочи дека следните неколку дена бил испрашуван, малтретиран и тепан од повеќе инспектори, кои барале од него да потпише изјава, за како што му рекле дека бил обвинет за држење стража во селото.
Според изјавата на Рамадани пред судот, тој во повеќе наврати во периодот од 23 до 29 мај 2003 година бил изнесуван пред тројца различни судии, каде на 26 мај го кажал тоа што го принудиле да го каже, а за истата изјава на 27 го ставиле и на детектор. Кога на 28 мај му кажале дека му е определен адвокат по службена должност, тој како што рече, се охрабрил и кажал дека не знае за настанот и бил во Србија, по што бил повторно тепан од инспекторите поради променетата изјава.
Рамадани рече дека третиот од судиите му рекол дека се товари за фалсификувани 100 евра, кои биле пронајдени при претрес во неговиот дом и му одредил притвор од 30 дена. Додека бил во притвор бил посетуван од ОБСЕ, Народен правобранител и други кои го прашувале за Сопот.
– Мислев дека ме држат за Сопот, а официјално бев во притвор за парите. Кога почна судењето за овој случај јас бев повикан како сведок и не знам како кога бев 13 обвинет. Од тогаш цело време се водам како сведок. Ова што сега го кажав го кажав и на првото судење, изјави Рамадани.
Обвинителството пред судот изнесе рачна изјава од СВР Куманово за која Рамадани по увидот потврди дека ракописот и потписот се негови.
Следното рочиште Судот го закажа на 6 февруари 2018 година во 10 часот. Судот го прифати барањето на обвинителството во дополнение на истражната постапка да бидат повикани шест инспектори кои работеле на овој случај, судско-медицинско вештрачење, изјава на сведок од 23/05/2003 година, решение за спроведување на Рамадан, записници за привремено одземени предмети, како и целиот предмет против Рамадани за кривично дело фалсификување на пари.
Овој случај е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина. Во овој случај десет лица се осудени за тероризам. Тие се товарат дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јули годинава му го предаде предметот „Сопот“ на СЈО, откако во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со овој случај.