Денеска беше пуштен во употреба новиот објект на Полициската станица Ѓорче Петров, во кој ќе биде сместен дел и од Бригадата за протривпожарна заштита.
Со површина од 1.400 квадратни метри, објектот опфаќа сутерен, приземје и два ката. Противпожарната станица во новиот објект има на располагање простор од 600 квадратни метри, каде што може да се сместат три противпожарни возила, а тука ќе бидат сместени и вработените во оваа станица која ги опслужува жителите од општините Ѓорче Петров, Сарај и дел од Карпош.
На настанот присуствуваа и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, кои потпишаа и меморандум за заедничко користење на современата ТЕТРА-комуникациска платформа.
Шилегов во своето обраќање ја потенцира важноста на денешниот настан кога полициската и противпожарната станица во Ѓорче Петров конечно го добија долгоочекуваниот нов објект. Додаде дека објектот е изграден по теркот на современите архитектонски трендови, при што целосно се запазени и потребните безбедносни стандарди.
Потпишувањето на меморандумот за користење на современата ТЕТРА-комуникациска платформа е со цел органите што се надлежни за комуникација во итни случаи да ја користат истата мрежа, првенствено за да им овозможат на граѓаните брза, ефикасна и интегрирана служба за итни случаи.
„Со тоа на еден индиректен начин работиме и на подигнување на нивото на безбедноста на граѓаните и нивните имоти, која влегува во врвот на приоритетите на новата градска администрација“, рече градоначалникот Шилегов.
Министерот Спасовски од своја страна го истакна значењето на изградбата на овој објект кој е од голем интерес за безбедноста и заштитата на граѓаните, но и за подобрување на условите за работа на припадниците на полицијата.