Груевски: Притворените ги изразувале своите патриотски чувства и не повредиле никого
Притворените се патриоти кои ги изразувале своите патриотски чувства и не повредиле никого, изјави Никола Груевски на протестот што денеска се одржа пред Истражниот затвор во Шуто Оризари против одлуката за притвор на учесниците во настаните во Собранието на 27 април.
Груевски рече дека ги поддржува притворените во името на ВМРО, партиското членство и народот и додаде дека со притворите власта сака да ја скрши ВМРО-ДПМНЕ и да го убие духот на Македонецот.
„Ќе дојде крајот на оваа хунта. Ќе се каат, ќе бегаат од нашите погледи. Македонија поминала низ многу тешки времиња и оваа хунта која се однесува насилнички ќе замине еден ден“, нагласи Груевски.
На протестот се обрати и пратеникот Владимир Ѓорчев, кој рече дека за притворените ќе изгрее ново сонце на слободата.