„Ова е мала судница, овде нема да може да ме снимаат“, беше првата реакција на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој денеска требаше да седне на обвинителна клупа за случајот „Топлик“.
Поради зафатеноста на големата судница во Кривичниот суд во која се суди случајот „Труст“, Јанакиески влезе во мала судница на првиот кат од Судот во која нема услови за снимање на судскиот процес од страна на судот. Поради тоа што двајцата адвокати кои постапуваат во Топлик“ беа ангажирани на судењето за „Труст“, судијката Татјана Михајлова судењето го закажа за 30 јануари.
Кавга во судницата настана за определување на датум за судскиот процес. Прво проблем беше зафатеноста на големата судница во која веќе се закажани судења за неколку постапки во случаите на СЈО, потоа адвокатите биле ангажирани на други предмети, па обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова ѝ предложи на судијката Михајлова да почне од 15 јануари и за секој датум поединечно да ги прашува обвинетите и адвокатите кој кога може. Михајлова одговори: „Не ме интересира кој кога може, судењето се закажува на 30 јануари“.
Со новиот годишен распоред за 2018 кој што го направи новиот претседател на Судот Иван Џолев, судијката Михајлова од одделението за кривична материја е распределена во одделот за прекршоци. Најверојатно во јануари предметот „Топлик“ ќе биде прераспределен кај друг судија.