Експремиерот Никола Груевски за последен пат ќе се појави на судење во 2017 година.
Тој заедно со ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски се обвинети во случајот „Траекторија“ за провизиите за изградба на кинеските патишта. Груевски во судот треба да се јави уште двапати: Утре за „Насилство“ и кај шалтерски службеник за одземениот пасош.
Засега за Груевски има активни 2 од 5 обвиненија. Судењата за „Титаник“, предметот за кој СЈО бараше за него притвор, „ТНТ“ за уривањето на Космос и „Тенк“ за набавката на екстралуксузниот мерцедес сè уште не се закажни.
Главната расправа за „Траекторија“ сè уште не е започната. Петчлениот судиски совет го одби барањето на адвокатот на Груевски минатото рочиште да биде одложено поради тоа што немало услови за визуелно и тонско снимање поврзано со АКМИС-системот.
Адвокатите на обвинетите го побараа ЦД-то со 315 прислушувани аудио-материјали, бидејќи како што рекоа, тоа е поради еднаквост на оружјата пред судот и дека како странка во постапката мора да ги имаат сите докази. Специјалната обвинителка Лиле Стефанова рече дека обвинетите во секое време и во предистражната и во истражната постапка можеле да направат увид во доказите. Таа рече дека Никола Груевски, Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, не сакале да ги слушаат бомбите кога биле повикани во специјалното јавно обвинителство. „Не можеме да ви ги дадеме бомбите поради опасност од размножување и вметнување. 315 бомби и ДВД со СМС-пораки ќе мора да ги слушате во судницата. Можеме само да ви ги дадеме транскриптите, но не и аудиоматеријалите“, рече обвинителката Стефанова.
Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 презеле повеќе дејства, со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според обвинението, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.