Обвинетите за крвавиот четврток во Собранието празниците ќе ги поминат во Шутка
Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлогот за продолжување на мерката притвор и мерката куќен притвор за 29 лица, а во врска со настаните од Собранието на Р. Македонија од 27 април, донесе решенија со кои го прифати предлогот на Обвинителството.
Советот донесе одлука Владо Јовановски, Игор Дуловски, Богдан Илиевски-Бетмен, заедно со Мумир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање, Оливер Радулов, кој работел како агент во УБК, и Сашо Марковски, празниците да ги поминат во притвор. Во притвор ќе останат и прилепчанецот Јане Ченто, заедно со Душко Лазаров, кој бил дежурен во оперативниот штаб. Вработената во Кабинетот на поранешниот претседател, Елена Доцевска-Божиновска, е меѓу лицата за кои судот одлучи да им го продолжи притворот. Меѓу оние што остануваат зад решетки се и пратениците Љубен Арнаудов, Крсто Муковски и Сашо Василевски. Приворот е продолжен за нови 30 дена.
Куќен притвор добија пратеникот Јохан Тарчуловски и пратеничката Жаклина Пешевска.
Против овие решенија дозволено е право на жалба до Апелациониот суд во рок од 48 часа по приемот на решенијата.