Премиерот Зоран Заев во емисијата „Патот кон“ на Алсат-М уште еднаш потврди дека со лидерот на АА, Зијадин Села не постигнале договор бидејќи кадарот што бил понуден за министер за здравство не е од форматот на Таравари.
Јас и не знаев дека Таравари ќе се кандидира за градоначалник, тоа е негово право, го разбирам, но здравството е битен ресор, треба сериозни реформи – рече Заев.
Прашан дали може да го погледне Села во очи после се што преживеа во парламентот, премиерот рече дека апсолутно верува дека со Села изградиле пријателски однос и биле еден до друг во Собранието на крвавиот четврток.
Премиерот откри дека разговарале Алијансата да добие некој друг ресор како транспорт или труд и социјала но не е коректно, рече Заев, на министрите кои го прифатија предизвикот и практично почнаа со работа по локалните избори да им се земе ресорот.
Заев смета дека ресорот за реформи што му го понудиле на партијата на Села е сериозен ресор но дека Села не го прифатил тоа.
За влегувањето на ДПА на Тачи во владата премиерот рече дека таква понуда тој упатил одамна кон сите партии за да градат општество за сите.