Заев: Македонија пред најсериозните шанси до сега да добие датум за преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на свеченоста по повод новогодишните празници, во организација на СДСМ изјави дека 2018 година ќе биде важна година во којашто перспективите на Македонија ќе значат и перспективи за сите во државата.
– Тие перспективи, не дојдоа сами. Тие чекаа. Чекаа храбри чекори, ја чекаа вистината, чекаа мудри одлуки, чекаа сериозно лидерство. Застанавме зад вистината. Храбро ја прозвавме правдата. Одважно, како што доликува на една најголема политичка партија се поставивме внимателно кон сите предизвици коишто беа искушение – да заслужиме да предводиме. Но, имаат право оние кои констатирале дека успехот не се мери според позициите, туку според препреките што ќе се поминат. Голем дел да, сработивме. Срушивме режим со пенкало и глас. И по ова ќе се памети 2017 година, а и сите во неа, млад и стар, политички определен или неопределен, Македонец, Албанец, Турцин, Србин, Ром, Бошњак, Влав или од каква определба и да е. Купче сме овде, едно, како што си се сплотивме во едно, во нашата заедничка, една и единствена, Република Македонија, рече Заев.
Тој им честиташе на членовите на СДСМ и порача дека власта бара уште поголема храброст, посветеност кон вистината и уште поголема мудрост.
– Почнавме да садиме во градината. Посаденото треба да пушти коренчиња, коренчињата треба да станат корења за да го држат стеблото, стеблото треба да пушти гранки, гранките листови, на листовите им треба и сонце и вода, и потоа се раѓа плодот. И овој процес во природата, е патека и во општествените процеси, од посакуваниот почеток, до очекуваните резултати. Јас сакам да порачам, да бидеме внимателни во секоја стапка, за да ја сочуваме секоја фиданка којашто е потенцијално стебло со плод. Ви благодарам на сите што верувавте во 2017 и барам од вас, во 2018, да ја удвоите вашата верба, да го удвоите трпението, да го удвоите вниманитето и пред се да ја удвоите одговорноста, рече Заев.
Премиерот кажа дека Македонија е пред најсериозните шанси до сега да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО. ТОј кажа дека СДСМ им е потребен на Македонија и нејзините граѓани, бидејќи се работи за иднината.
– Интеграциите во Европската унија и НАТО не се само политичка и безбедносна стабилизација на државата. ЕУ И НАТО носат економски просперитет, носат инвеститори, го свртев регионот, ги видов искуствата, отвораат работни места, овозможуваат поголеми плати, повисок животен стандард, модерно општество во коешто сите, посебно младите луѓе ќе бидат мотивирани да учат, живеат, работат, да создаваат, да градат, дома. Финансиска стабилност, радост носат за секој овие реформски процеси на коишто сме толку сериозно посветени. И, мора сите да не биде, за да има среќа и спокој во нашата земја. Сите. Без привилегирани. И така треба и барам да биде поставен секој од нас, рече Заев.
Тој кажа дека потребен е секој и дека за секого мора да има место во општеството.