Кирацовски: Пред нас е клучна година за нашата земја, продолжуваме со реформите што носат живот

Наследивме заробена држава, а за неколку месеци ја вративме на граѓаните

Со преземањето на централната власт, владата предводена од СДСМ наследила заробена и изолирана држава, партизирани и нефункционални институции, срушен општествен и вредносен систем, а граѓаните турнати на маргините, осиромашени и обесправени, посочи генералниот секретар на партијата и пратеник, Александар Кирацовски. Но, како што вели тој, за само неколку месеци државата им е вратена на граѓаните.

Кирацовски денеска излезе со отчет за тоа што го сработиле во изминатите шест месеци откако нивната партија е на власт, а ги претстави и приоритетите за кои ќе се залага СДСМ во 2018 година. Меѓу нив ги посочи покачувањето на животниот стандард, здравјето на граѓаните, борбата против корупцијата, владеењето на правото, реформите и НАТО и ЕУ.

За посветеноста на подигањето на животниот стандард, како што рече тој, пример давал и Буџетот што беше донесен за 2018 година.

– Овој буџет на граѓаните им обезбедува финансиска и економска стабилизација на државата, услови за раздвижување на економијата, отворање нови работни места, повисока помош за домашните претпријатија и повисоки плати во образованието, здравството, безбедноста и детската заштита – презентираше Кирацовски.

Во посочувањето на она што досега е направено од изборната програма План за живот во Македонија, најголем акцент тој стави на економските и социјалните мерки.

– Уште во првите недели од мандатот значително ги намаливме непродуктивните трошоци, ја редуциравме фреквенцијата на задолжувања, ги сервисираме напластените долгови и пренасочуваме повеќе пари кон граѓаните – нагласи тој.

Меѓу мерките и законите кои биле донесени, Кирацовски ги посочи изедначувањето на условите за бизнис за домашните и странските компании, зголемената минимална плата од 12.000 денари, носењето на законот со кој околу 3.500 стечајци добиваат надомест од над 7.000 денари, укинувањето на радиодифузната такса, евтината тарифа за електрична енергија.

– Го укинавме екстерното тестирање кое што создаваше стрес кај учениците, родителите и наставниот кадар, а во тек на укинување се и казните од оценувањето на административните службеници – најави Кирацовски.

Тој ја посочи и мерките за борба против загадениот воздух кои Владата ги изготвила во соработка со десетици граѓански организации, како и подобрувањето на меѓународната позиција на земјата и односите со соседите.

 

https://www.youtube.com/watch?v=U0HFr5tmZaI

 

 

Треба да знаете
Последни објави