Потпишан Меморандум за соработка помеѓу МВР и Здружението на новинари на Македонија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани денеска потпишаа Меморандум за заедничка согласност за соработка.

„Договоривме соработка и учество на заеднички обуки и кампањи за кревање на свеста на граѓаните за улогата на припадниците на Министерството за внатрешни работи во зачувување на безбедноста и мирот на граѓаните и новинарите, како и за важноста од тоа новинарите слободно и безбедно да ја вршат својата работа. Се договоривме заедничко да работиме во насока на креирање на протокол за известување од настани со висок ризик. Договоривме постојана комуникација меѓу Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари на Македонија со цел да се овозможи безбедно вршење на работата на медиумските работници“, рече министерот Спасовски на прес конференцијата по потпишувањето на меморандумот.

Министерот Спасовски најави дека МВР и ЗНМ ќе соработуваат преку заедничка изработка на анализи и истражувања од областа на безбедноста на новинарите, а Здружението на новинарите на Македонија преку соодветни обуки ќе помогне во подготовката на припадниците на Министерството за внатрешни работи за медиумски настап, односно  комуникација со медиумите во интерес на заштита и унапредување на правото на слобода на изразување во согласност со Европската Конвенција за човекови права.

„Во минатото бевме сведоци на напади врз новинарите, нешто што не смее да се случува во една демократска земја. Министерството за внатрешни работи ќе направи се за медиумските работници да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа. Медиумите се столбот на едно демократско општество и тие мора да имаат услови за слободно и безбедно да ја извршуваат својата работа. Ние сме отворени за соработка со сите организации на новинарите и таа соработка во иднина ќе ја надградуваме“, рече Спасовски.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани му се заблагодари на министерот Спасовски и рече дека потпишувањето на овој меморандум е многу важно поради неколку причини.

„Овој чин ја демонстрира волјата на новиот министер за внатрешни работи г-дин Спасовски институционално да ги решаваме проблемите кои не тангираат како новинари. Основниот проблем на новинарите во минатиот период беше нивната безбедност. Не може да се замисли улогата на медиумите во едно демократско општество ако новинарите не се чувствуваат безбедни во извршувањето на нивните професионални задачи. Во изминатите пет години како ЗНМ регистриравме над 50 напади на новинари, а институциите не успеаја да изведат пред лицето на правдата ниту еден од напаѓачите. Меѓу нив за жал имаше и припадници на полицијата“, рече Селмани.

Овој меморандум, според Селмани, покажува подготвеност од двете страни да се соработува и да се стави крај на политиката на неказнивост на насилството кон новинарите.

„Верувам дека оваа соработка ќе придонесе за подобрување на перцепцијата во светот за состојбата со слободата на медиумите во Македонија, затоа што на овој начин ние најлесно можеме Македонија да ја симнеме од црните листи за слободата на медиумите“, рече Селмани

Треба да знаете
Последни објави