Од 1 јануари нов начин на поднесување пресметки за персонален данок
Со Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за персоналниот данок на доход од 1 јануари 2018 година се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку новиот систем е-персонален данок.
„Електронска пресметка за приход и данок имаат обврска да поднесат исплатувачи на приходи правни лица кога исплаќаат приходи по сите основи на физички лица резиденти на Република Македонија и на нерезиденти, освен за исплата на плата на вработени лица. Физички лица резиденти, кои остваруваат приходи од други физички лица и приходи од странство, освен за приходи од вршење самостојна дејност, како и физички лица нерезиденти, кои остваруваат приходи од други физички лица во Македонија“, информира Упрвата за јавни приходи.
Од УЈП информираат дека со воведувањето на електронската пресметка (е-ППД) граѓаните за приходите што подлежат на оданочување, а се остварени во земјата или во странство, почнувајќи од 1 јануари, немаат повеќе обврска за поднесување аконтативни даночни пријави ПДД-АДП/ПИ, ПДД-АДП/КД и ПДД-АДП/ДП.
Почнувајќи од 2019 година, Управата за јавни приходи ќе им издава пополнета годишна даночна пријава на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk за приходите што ќе ги остварат во 2018 година. Граѓанинот ќе има обврска само да ја потврди или коригира пријавата.
Од Упрвата за јавни приходи додаваат и дека со законските измени и новите даночни процедури за персонален данок, физичките лица што остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи за приходите остварени почнувајќи од 1 јануари 2018 година, немаат обврска за поднесување пријава за регистрација на обврзниците што остваруваат приходи од земјоделска дејност.