Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото новогодишно обраќање упати низа критики за политиките што ги води владата предводена од СДСМ, но и ги повика граѓаните да го следат за 2018-та да биде година на нова надеж. Исто така, најави и внатрешни промени во партијата.
– Знам дека надежта кај многумина од вас е мала, но таа не смее да исчезне. Македонија може и мора подобро. Македонија мора да оди напред. Следете ме и оваа Нова Година ќе биде година на нова надеж, и година кога граѓаните ќе ја препознаат вистинската енергија која може да направи подобра иднина за сите. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи и внатрешни промени. И ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати посилно од порано – порачува Мицкоски.
Во обраќањето, тој зборува за економската слобода која, според него, е загрозена, за проблемите во земјоделството кои се мултиплицираат, за Еврпската Унија и НАТО.
– Потребен е политички дијалог, политичките субјекти во Македонија не смеат да бидат непријатели, туку конкуренти чиј натпревар е обезбедување подобар живот за граѓаните. Дијалогот е двостран процес. За него е неопходно разбирање и поддршка базирана на принципиелни основи. Секако дека има работи за кои како партија ќе оцениме дека вреди да се поддржат и за кои сме убедени дека се од интерес за граѓаните. За да има дијалог, мора да има слобода за искажување на критичката мисла – вели Мицкоски.
https://www.youtube.com/watch?v=4ybd11gB5uY