Милано и Нови Сад за новогодишните празници и Банско и Боровец во соседна Бугарија за зимување се дестинациите за кои има најголем интерес во туристичките агенции.
Оттаму велат дека има интерес и за Нова Година и за зимување, а цените не се драстично зголемени во однос на минатата година.
За новогодишните празници цените се различни и зависат од аранжманот. На пример, за Милано се движат од околу 150 евра за две ноќевања и околу 200 евра за три ноќевања, а во цената е вклучено разгледување на градот и пречек на Новата Година. Поголем е интересот за Милано поради тоа што во новогодишениот пакет е вклучено и разгледување на Верона, Венеција или Торино. Во Белград и Нови Сад во соседна Србија, цените на аранжманите се пониски и се движат од 100 до 150 евра со вклучен дочек и разгледување на градот.
Од европските престолници примамливи се и Виена, Париз и Рим, но за нив цените се движат од 300 до 500 евра, а помал интерес има за Истанбул каде цената во зависност од аранжманот се движи до околу 300 евра со вклучен авионски превоз.
Домашниот туристички центар Охрид годинава почна проект со кој нуди секојдневна програма од 20 декември до 20 јануари со цел во овој најатрактивен период во годината, надвор од туристичката сезона, да привлече што повеќе посетители. За новогодишната ноќ, Охриѓани и гостите ќе ги забавуваат Даниел Кајмаковски и Анита Мицова.
За разлика од Нова Година, за зимување и годинава остануваат атрактивни сместувачките капацитети во Банско и Боровец со тоа што поголем е интересот за Банско поради можностите што ги нудат хотелите. Цените се различни и зависат од хотелот и видот на аранжманот. За ноќевање со појадок во зависност од хотелот цените почнуваат од 15 евра по лице, а за полупансион во хотел со три ѕвездички во јануари кога е шпицот на зимската сезона во Банско чини околу 30 евра по лице. За хотел со пет ѕвездички по лице во двокреветна соба ќе треба да се плати и до 173 евра.
Од туристичката агенција „Фалкон“ посочуваат дека повеќе се бараат аранжманите со полупансиони на база појадок и вечера и оти речиси сите хотели во Бугарија се опремени со спа центри.
Помал е интересот за Пампорово, иако таму цените се пониски од Банско и Боровец, а причината, како што велат од туристичките агенции, е далечината.
– И оваа година најголем интерес за зимување има за Банско и Боровец, а послабо за Пампорово кој е подалеку и затоа е помал интересот. Во однос на минатата година, цените се за малку зголемени, велат од туристичката агенција „ЈК Травел“.
За разлика од Бугарија, има интерес, но помал, и за Златибор и Копаноник во соседна Србија, но таму цените на аражманите се повисоки во споредба со хотелите во Бугарија.
– Аранжманите за Копаоник се секогаш поскапи. Можеби како понуда се подобри, меѓутоа оние клиенти кои порано биле таму и биле задоволни, сега повторно одат, велат од „Фалкон“.
Домашните зимски туристички центри како Маврово, Попова Шапка и Крушево се најмалку интересни за македонските граѓани. Повеќето од оние што ќе останат во Македонија ќе зимуваат во сопствени викендички и во куќи кои се издаваат.