
Агенцијата “Deutsche Presse Agentur”, која ја пренесуваат повеќето најважни медиуми од германско говорно подрачје, во еден текст овие денови се позанимавала со школските учебници во Србија и Хрватска, за кои пишува дека ги учат младите од двете држави меѓусебно да се мразат.
“И по 25 години од распадот на Југославија, одвај се случило соочувањето со војната. Наместо тоа, учениците во Србија и Хрватска учат еднострана и неисториска верзија на минатото”, констатира “DPA” на почетокот.
Се цитира историчарот од Србија, Александар Милетиќ, кој смета дека на наставата по историја тамошните ученици “учат нетолеранција и омраза”, за што пример е учебникот за трета година гимназија, во кој пишува дека низ вековите се покажало дека Албанците, Црногорците и Бошњаците се расипани, додека Србите секогаш делувале со најчисти морални намери.
Статус на жртва уште од 19. век
“Најважните учебници по историја во Хрватска и Србија ги индоктринираат децата и ги наведуваат против соседите. Во учебниците се е претставено во црно-бел тон без сиви зони. Позицијата на сопствениот народ како жртва веќе се докажува во учењето за 19. век. Секоја вина е апсолутно на другата страна. Страшните злосторници од припадниците на својот народ редовно се опишуваат како “одмазднички акции на поединци”. Додека ние отсекогаш сме биле мирољубиви и сме сакале конфликтите да ги решаваме исклучиво по дипломатски пат, тие се занимавале со агресивно освојување”, го опишува “DPA”, тонот на учебниците по историја во Хрватска и Србија.
Се наведува дека во Хрватска се учи дека самостојноста на државата е реакција на повеќевековната желба на Србите да владеат над Хрватите, додека учениците во Србија се учат дека Србите секогаш се бранеле од “фашистичкиот хрватски национализам” и дека без тоа инаку би биле истребени. Србија се претставува и како пример за демократија, која секогаш е жртва на светски заговори, па во еден учебник може да се најде следната реченица: “Тоа што во Втората светска војна не и успеа на фашистичка Хрватска, подоцна го направија евро-американските демократии”. Се споменуваат и “австриско-германски заговори” против Србија.
Во Хрватска и Србија се рехабилитираат фашистички злосторници
“Тоа што двете страни го игнорираат е дека двете работат на тоа да ги продлабочат проблемите во меѓусебните односи”, пишува DPA и потсетува дека двете држави рехабилитираат фашистички злосторници и слават “историски личности кои се трн во окото на другата страна”.
Тогаш не е изненадување што и денес меѓу двете држави има многу нерешени проблеми, како исчезнати во војната, плаќање на отштета, договори за разграничување, наведува DPA и констатира дека темел на проблемите е тоа што се одбива да се зборува за жртвите и траумите на другата страна. Статијата завршува со споменување на изјавата на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која рекла дека уште многу вода ќе мине низ Дунав пред Хрватска и Србија да станат пријатели. Нејзината изјава е опишана недипломатска и наведена е како пример за продлабочување на проблемите меѓу двете соседни држави.



