Среде бел ден во Софија убиен бизнисмен близок до партијата на Борисов
Полицијата го истражува убиството на Петар Христов, влијателен бизнисмен во неколку сектори на бугарската економија, кој утрово беше застрелан среде бел ден во Софија.
Петар Христов (49) е сопственик на една од најголемите компании за млечни производи во Бугарија. Се говори дека исто така имал бизнис интереси и во градежништвото, туризмот и недвижниот имот, како и прехранбената индустрија.
За него се говори како за близок до високи функционери од владејачката централнодесничарска партија ГЕРБ.
Тој бил застрелан во Манастирски Ливади, богата област на Софија, некаде по 10 часот утрово. Според некои медиумски извештаи, пукањето се случило пред канцеларијата на неговата компанија, но некои локални медиуми објавија дека бил застрелан пред неговиот дом.
Според непотврдени информации, убиецот бил сам и испукал само еден куршум кој завршил во градите Христов. Тој бил пренесен во болница од неговиот возач, но по половина час починал и покрај обидите за реанимација.
Шефот на бугарската национална полиција, Христо Терзиски, изјави дека убиството веројатно е поврзано со бизнис интереси. Сепак, полицијата не исклучува и можен личен мотив.
Според бугарските медиуми, Петар Христов помогнал во разбивање на банда која стоела зад серија киднапирања, во времето на првиот мандат на актуелниот премиер Бојко Борисов од 2009-2013 година.
Убиството се случува на почетокот на неделата во која Бугарија официјално го презема првиот мандат како претседавач со ЕУ.
Европската комисија неодамна оцени дека организираниот криминал во земјата стана “помалку видлив” и стана помалку опасен за стабилноста, отколку во минатото. Меѓутоа, исто така, рече дека борбата против корупцијата е област во која Бугарија забележала најмал напредок.