Денешното одржување на дијалогот на високо ниво за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина во Охрид се најголема потврда дека Северна Македонија во овој момент е фактор на стабилност на Балканот, што го потврдивме преку нашето зачленување во НАТО, преку отворањето на преговорите со ЕУ и преку тоа земјава претседавач со најголемата регионална безбедносна организација – ОБСЕ во веројатно најтешката година за Европа по Втората светска војна, вели во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски.
– Ова секако дека е од исклучителна важност на нашата држава со оглед на тоа дека ние сме пример дека низ дијалог и низ дипломатски средства во 21 век треба да се решаваат предизвиците помеѓу соседните држави. Очекуваме разговорите да бидат, да се водат во добар во дух и коишто се водат практично за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, а коишто на крајот треба да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската унија, нагласува премиерот.
Според него, доказ за значењето на земјава уште една потврда е и тоа што вчера првпат се одржа состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Скопје, од неговото прво заседание пред 22 години во Брисел.
– Советот испрати многу јасни пораки за тоа дека нашата држава напредува во процесот на европските интеграции. Разговаравме во детали за се она што го направивме во текот на изминатата година. А изминатата година на полето на евроинтеграциите за нас е една од најуспешните. После 17 години чекање успеавме да ги отпочнеме преговорите со Европската унија, да ја одржиме првата Меѓувладина конференција, минатата година го потпишавме во октомври Договорот со ФРОНТЕКС каде што за првпат македонскиот јазик заедно со сите други 24 јазици на Европската унија стои на еден ист договор потпишан помеѓу нашата држава и Европската унија, потенцира Ковачевски.
Тој нагласува дека се добиени позитивни оценки од претставниците на ЕУ и во однос на скрининг процесот што е во тек.
– Исто така, беа испратени многу јасни пораки во однос на тоа дека ние имаме јасна преговарачка рамка која што е усвоена од страна на сите 27 земји членки на Европската унија и дека нашите преговори се одвиваат во рамки на таа преговарачка рамка и врз основа на критериумите коишто произлегуваат од критериумите за пристапување кон Европската унија, додава Ковачевски.
Премиерот во видео интревјуто за МИА што во целост ќе биде објавено попладнево говори и за уставните измени, како и за мерките ѓто ги презема Владата за справување со економската и енергетската криза.