ЖРК Вардар подготвен за уште подобар старт на 2018 година

 

По крајот на Европското првенство во ракомет и „долгата“ пауза, ракометарките на европскиот вице-шампион ЖРК Вардар се собраа на првиот тренинг пред напорниот јануари во кој го очекуваат три натпревари – два во ВРХЛ лигата и еден од Лигата на шампиони.

Тренерот на Вардар, Ирина Дибирова очекува уште подобар втор дел од сезоната, откако претходно имаа целосна доминација во ЛШ.

„Во првиот дел од сезоната победивме на сите натпревари, но никако не можам да бидам задоволна од покажаното, зашто имавме некои грешки кои во следниов период мора да ги поправиме. Мислам дека можеме и подобро да играме. Младите ракометарки, пак, би сакала во идниот период да добијат поголеми шанси, но имаме многу тешка група во Лигата на шампоните и ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во екипата имаме многу квалитетни и искусни играчи и девојки на кои им е потребно повеќе да играат, а немаме доволно натпревари кои ќе бидат добри за нив. Ќе се обидеме да ги усогласиме потребите, сега следат натпреварите од регионалната лига, каде очекувам тие повеќе да играат и потоа да помогнат и во натпреварите од главната фаза од Лигата на шампионите”, објаснува Дибирова.

Првиот тест за Вардар ќе биде третиот турнир од регионалната ВРХЛ лига, а натпреварите се закажани за 19, 20 и 21 јануари во СЦ „Јане Сандански”. На 19 јануари во 17 часот играат Вардар и Будуќност, следниот ден, на 20 јануари се среќаваат Будуќност и Крим, а на 21 јануари играат Крим и Вардар. На претходните два турнири одржани во Подгорица и во Љубљана, вардарки победија на сите четири одиграни натпревари.

„Секоја година имаме иста цел, и годинава играме позрело и посериозно. Во првиот дел ова го покажавме, и можеби е сѐ уште рано да се предвидува, следи главниот дел од натпреварите но сега се познаваме многу подобро од лани. И сега доволно е да се погледнеме во очи и да знаеме која што мисли. Искрено, на натпреварите од регионалната лига очекувам дека тренерите ќе им дадат шанса на сите играчи за да се подготвиме колку што е можно подобро за она што следува во Лигата на шампионите. А, се разбира амбицијата е секогаш да се победи и освои теренот независно од противникот”, вели Јованка Радичевиќ.

Треба да знаете
Последни објави